среда, 15. јули 2020. Вести денес: 44
home Вести

Навикнете се на коронавирусот, долго време ќе биде меѓу нас

Навикнете се на коронавирусот, долго време ќе биде меѓу нас

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска ги предупреди Иранците да се подготват „долго време“ да живеат со коронавирусот, откако земјата почна постепено да ги укинува наметнатите ограничувања за совладиување на жариштата од заразата, пренесоа француските медиуми.

-Луѓето не треба да прифатат дека ова заболување ќе се елиминира за 15 дена или еден месец: па затоа долго време ќе треба да ги следиме инструкциите, рече Рохани за време на редовната неделна средба со Штабот за борба со коронавирусот, што беше пренесувана на државната телевизија.

-Треба да ги прекинеме сите групни собирања, дали се тоа свадбени веселби, церемонии на помен или семејни посети, додаде тој.

Иран се уште активно се бори со смртоносната епидемија на коронавирусот, иако првите случаи беа регистрирани уште во февруари.

Портпаролот на Министерството за здравство, Киануш Џаханпур, изјави дека вкупниот број на позитивни случаи во земјата е зголемен на 169. 425, со нови 2.269 заразени во последното деноноќие. Тој додаде дека во последните 24 часа починале уште заразени 75 лица, со што вкупниот број на жртви од Ковид-19 сега изнесува 20.209.

Властите постепено ги укинуваат ограничувањата, наметнати за справување со вирусот, и нормалниот режим на работа на економијата речиси е обновен во повеќето провинции низ земјата.

Властите, меѓутоа, се сериозно загрижени од зголемениот број на новозаразени и недостигот на контрола за почитување на наметнатите мерки во земјата.

Според Рохани, во Иран нема „втор бран“ и економската активност во целата земја треба да продолжи.