петок, 4. декември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Најмалку осуммина загинати во силниот земјотрес на Филипини

Најмалку осуммина загинати во силниот земјотрес на Филипини

Најмалку осум лица загинаа во земјотресот со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала, што денеска го погоди централниот дел на Филипините.

Филипинските власти изразија стравување дека ова можеби нема да биде конечниот биланс на жртвите, затоа што се претпоставува дека се уште има затрупани лица под урнатите објекти.

Земјотресот бил на длабочина од околу 40 километри под површината на островот Лузон, на околу 60 километри од филипинскиот главен град Манила.

Во земјотресот се урнати или оштетени повеќе станбени и деловни објекти, а штети се нанесени и на сообраќајната инфраструктура, поради што во прекин или застој беше воздушниот, железничкиот и патниот сообраќај.

Сите загинати лица се во провинцијата Пампанга, која е најтешко погодена од земјотресот. Покрај загинатите, во оваа провинција се регистрирани и околу 20 повредни лица.

Телата на три загинати лица биле извлечени од под остатоците на две урнати згради во градот Порак, додека при уривање на зграда во местото Лубао загинале една повозрасна жена и нејзиното внуче.

При потресот попуштил базенот на покривот на облакодерот „Анкор Скајсјутс“ во Манила, при што од височина од 181 метри врз земјата се излиле тони вода.

Првично беше соопштено дека земјотресот е со јачина од 6,4 степени според Рихтер.

Филипините се наоѓаат во пацифичкиот „огнен прстен“ каде има честа појава на земјотреси и вулкански ерупции.

Коронавирус