понеделник, 21. септември 2020. Вести денес: 102
home Вести

Најмалку 15 лица повредени во протестите во Барселона

Најмалку 15 лица повредени во протестите во Барселона

Најмалку 15 лица се повредени во денешните протести поради седницата на шпанската Влада во Барселона, соопшти регионалната служба за Брза помош.

Ситуацијата во Каталонија денеска мина тензично, со судири меѓу радикалните сепаратисти и полицијата. Седницата на шпанската Влада се одржа со силно полициско обезбедување, која каталонските сепаратисти ја оценија како „провокација“.

Шпанските полицајци од автопатиштата одвлекоа демонстранти кои протестираа против посетата на премиерот Педро Санчез. Десетици демонстранти, од кои некои носеа флуоросцентни елеци, по примерот на француските „жолти елеци“ седнаа на автопатот АП7, кој минува долж медитеранскиот брег, држејќи се за раце, подигнати во воздух. Интервентната полиција ги одвлече од автопатот. При протестите блокирани беа околу 40 улици.

Едно лице е уапсено во центарот на Барселона со материјал кој може да се искористи за изработка на експлозивна направа. Вкупно, за инциденти поврзани со насилство се уапсени шест лица.

Дваесетина сепаратистички организации, вклучувајќи го и влијателното Национално собрание на Каталонија, кое во последниве години организираше повеќе митинзи за независност, повикаа на големи демонстрации во центарот на Барселона вечерва, во 18 часот по локално време.

Коронавирус