понеделник, 23. септември 2019. Вести денес: 55
home Вести

Најмалку 10 загинати при напади во северозападна Сирија

Најмалку 10 загинати при напади во северозападна Сирија

Најмалку 10 лица загинаа денеска при воздушни и артилериски напади на сириските владини сили врз реони под контрола на бунтовниците во покраината Идлиб во северозападниот дел на Сирија, соопшти опозицискиот Сириски центар за мониторинг на човековите права.

Организацијата, чие седиште е во Лондон, во соопштението посочува дека десеттемина загинатите при денешните „воздушни напади и гранатирања на села и градови во покраината Идлиб“, биле цивили.

Сириските државни медиуми, од друга страна, соопштија дека владините сили возвратиле на нападите на „екстремистите“ врз подрачјата под контрола на Владата во Дамаск, при што била предизвикана само материјална штета.

Сириски центар за мониторинг на човековите права информира и дека при борби во Идлиб изминативе денови загинале најмалку 26 сириски војници и припадници на провладините паравоени формации, како и осум бунтовнички борци.

Од почетокот на интензивирањето на борбите меѓу владините сили и бунтовниците во Идлиб на 30 април, па досега, загинаа над 300 цивили. Во истиот период, поради борбите, речиси 300.000 лица ги напуштиле своите домови и престојуваат под отворено него, во шатори или во недовршени објекти.