вторник, 29. септември 2020. Вести денес: 86
home Вести

Над шеесет илјади Белгијци биле на одмор во црвена зона со Ковид-19

Над шеесет илјади Белгијци биле на одмор во црвена зона со Ковид-19

Шеесет и пет илјади граѓани од Белгија заминале на одмор во зона обележана како црвена за Ковид-19 во текот на летото, а од нив 900 се тестирани позитивни за вирусот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Белгискиот институт за јавно здравје денеска на прес конференција информираше дека полека почнува да се намалува пикот констатиран во текот на ова лето во земјата, кога се регистрираа по деветстотини новозаразени дневно.

Но властите не очекуваат значајно намалување, туку стабилизација на бројките во наредниот период.

Во двата летни месеци 1,4 милиони луѓе од Белгија заминале во странство на одмор и го пополниле формуларот. Меѓу нив, 65 илјади биле во црвена зона, односно Турција, Шпанија, Франција, Романија и Мароко најчесто, а 376 илјади биле во портокалова зона.

Две третини од тие што биле во црвена зона се тестирани за Ковид-19, а два отсто од тестираните се позитивни на вирусот, изјавија од институтот.

-Не е многу, но ни овозможи да поставиме дијагноза за 900 лица поради патување во црвена зона и да спречиме тие лица понатаму да ја шират инфекцијата, изјави портпаролот на институтот.

Лицата кои се враќаат од зона обележана како црвена треба да останав во карантин дури и ако првиот тест покаже негативни резултати, истакна портпаролот. (МИА)

Коронавирус