среда, 2. декември 2020. Вести денес: 69
home Вести

На улица 89.000 полицајци: Франција подготвена за „жолтите елеци“

На улица 89.000 полицајци: Франција подготвена за „жолтите елеци“

Франција е подготвена за денешниот протест на „жолтите елеци“. Поставени се кордони, откажани се фудбалските и други спортски натпревари, а според најавата, на улиците ќе има и оклопни возила.

Францускиот премиер Едуар Филип вчера изјави дека 89.000 припадници на безбедностите сили ќе бидат распоредени ширум земјата. Според него, од 89.000 припадници на безбедносните сили, 8.000 ќе бидат распоредени во Париз, како и оклопни возила.

– Се соочуваме со луѓе кои не се тука за да протестираат, туку за да кршат, и сакаме да се снабдиме со средства кои ќе ги спречат да дивеат, рече Филип.

Во Париз вчера сите се подготвуваа за четвртиот викенд на протести на „жолтите елеци“. Весникот „Гардијан“ објави дека банките, продавниците и рестораните се подготвувале да ги заштитат сопствените деловни објекти пред денешните протести. Банка на Франција постави даски на прозорците, а Операта ги заклучи инструментите поради страв од провала.

Париските власти советуваат контејнерите за отпад да се отстранат, за да не бидат запалени.

Денеска е затворена за посетители и Ајфеловата кула, додека во Бордо се затворени десетици јавни места.

Американската амбасада во Париз ги предупреди своите државјани на можни насилства за време на протестите и ги советува да ги избегнуваат демонстрациите. Амбасадата предупредува дека протестите можат повторно да станат насилни и оти полицијата може повторно да одговори со водени топови и солзавец. Во минатонеделните протести беа повредени повеќе од 130 лица, а над 400 се уапсени во најлошите улични немири во Франција во последните децении.

Движењето „жолти елеци“  започна како протест против предлогот за зголемување на даноците за дизел и бензин, а движењето беше именувано по жолтите елеци што демонстрантите ги носат, а кои возачите мора да ги имаат во своите автомобили.

Сепак, протестите наскоро ја надминаа својата првична цел и станаа насочени против Владата. Демонстрантите го насочија својот гнев кон претседателот Емануел Макрон, обвинет дека изгубил допир со реалноста. Демонстрантите за Владата велат дека е елита, која нема поим како живее остатокот од земјата. (МИА)

Коронавирус