сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Москва забрани влез во Русија за шефот на политичката канцеларија на Коѕијас

Москва забрани влез во Русија за шефот на политичката канцеларија на Коѕијас

Забрана за влез во Русија за директорот на политичката канцеларија на Никос Коѕијас и протерување на двајца грчки дипломати се „контра мерките“ на Москва, откако Атина протера двајца руски дипломати, а за двајца забрани влез.

– Како лична порака до министерот за надворешни работи Никос Коѕијас,  би требало да се карактеризира одлуката на Москва да забрани влез во Русија за шефот на неговата политичка канцеларија, Јоргос Сакелариу, коментира грчкиот весник „Та неа“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, дипломатски извори за грчките медиуми, одлуката на руското МНР, ја опишале како „несиметричен“ потег, бидејќи Атина презела мерки затоа што имала јасни докази за активностите на Русите во Грција. Истите извори најавиле дека Атина ќе одговори соодветно.

Грчкото издание на „Хафингтонпост“, анализира и коментира дека одлуката на Москва е врвот на „ледената карпа“ во грчко –руските односи, што нема да се стопи лесно и брзо, бидејќи крие „стратешко несогласување“ и релациите Атина–Москва ги поврзува со претстојниот референдум кај нас.

– Атина е решена да оди до крај во обидот за имплементирање на Договорот од Преспа за конечно решавање на прашањето за името на ПЈРМ. Ако резултатот од референдумот во Скопје на 30 септември е „да“ за употреба на ерга омнес името Република Северна Македонија, грчката влада ќе оди напред, па дури и под ризик да се „скрши“ коалиционата влада СИРИЗА- Независни Грци, пишува искусниот новинар од „Хафингтонпост“ и додава дека Ципрас откако „измерил“ дошол до заклучок дека „перспективата на Скопје во НАТО и ЕУ ќе биде долгорочно во корист на грчките интереси“.

– Наспроти ова, Москва смета дека Атина им служи на интересите на НАТО и го олеснува проширувањето на сферата на влијание на Американците на Балканот и во Југоисточниот Медитеран. Тоа е тешко за прифаќање за руската надворешна политика, со голема гео- стратешка цена. Со овие факти, 30 септември се развива во рок за целосна реорганизација на соодносите во нашиот регион, коментира „Хафингтонпост“. (МИА)

 

Коронавирус