понеделник, 10. мај 2021. Вести денес: 0
home Вести

Меркел бара строг полициски час: Ситуацијата е многу, многу сериозна

Меркел бара строг полициски час: Ситуацијата е многу, многу сериозна

Германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот го бранеше амандманот на законот за заштита од зараза што ќе и овозможи на сојузната Влада да воведе мерки низ целата земја без согласност на покраините.

– Ситуацијата е сериозна, многу сериозна. Промената на законот треба да и помогне на земјата да излезе од страшната фаза на растечкиот број на новозаразени, рече Меркел за време на дебатата.

Измените и дополнувањата на законот за заштита од зараза треба да им овозможат на централните власти да воведат построги мерки на затворање доколку седумдневната инциденца се искачи над 100.

Воведувањето и укинувањето на мерките досега беше во надлежност на властите на покраините.

Меркел, исто така, ја бранеше контроверзната мерка полициски час меѓу 21 и 17 часот, што автоматски ќе се воведе во области каде што седумдневната инциденца три дена поред надминува 100.

– Се работи за тоа максимално да се намалат вечерните движења од едно до друго место, вклучително и со јавен превоз, рече Меркел.

Опозициската Либерално-демократска партија (ФДП) најави тужба пред Уставниот суд против мерката полициски час.

– Идејата за усогласување на мерките на подрачјето на целата земја е исправна, но планирањето на регулативите за спречување на ноќните излегувања е сомнително од уставна и правна гледна точка, рече претседателот на ФДП Кристијан Линднер во парламентарната дебата.

Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) исто така смета дека воведувањето ноќен полициски час е неуставна мерка.

– Вие не им верувате на граѓаните, затоа сакате да ги малтретирате преку ден, а ноќе да ги затворате, рече претседателката на парламентарната група на АфД, Алис Вајдел.

Таа го нарече нацрт-амандманот на законот за заштита од зарази „алармантен документ со автократско размислување“.

Се очекува законот да биде усвоен во Бундестагот, благодарение на мнозинството на владејачка демохристијанско-социјалдемократска коалиција.

Гласањето во горниот дом на Парламентот – Бундесратот е закажано за четврток, а законот може да стапи во сила на 26 април.

Промената на законот, што ќе доведе до усогласување на мерките на подрачјето на целата земја, беше иницирана од канцеларката Ангела Меркел кога стана очигледно дека федералните покраини не се придржуваат до договорите за затворање постигнати на состаноците на федералната и покраинските влади.

Коронавирус