четврток, 16. септември 2021. Вести денес: 93
home Вести

Матарела: Нема договор за нова влада на Италија

Матарела: Нема договор за нова влада на Италија

Италијанскиот претседател Серџо Матарела денеска по завршувањето на консултациите со лидерите на парламентарните партии, соопшти дека не е постигнат договор за формирање нова влада на Италија и најави нови разговори за следната недела.

– Во текот на следната недела ќе иницирам нова рунда консулатции за да видиме дали има напредок во можностите за формирање влада, нешто што сега не е можно, изјави Матарела.

Матарела вчера официјално ги започна консултациите за можностите за формирање нова влада на Италија со средби со претседателите на двата дома на Парламентот – на Сенатот, Марија Елизабаета Алберти и на Домот на пратениците, Роберто Фико и со лидерите на помалите политички партии. Консултациите продолжија денеска со средби на Матарела со првите луѓе на партиите со поголем број пратеници во Парламентот.

По средбата со Матарела, секретарот на досега владејачката левоцентристичка Демократска партија (ПД), Маурицио Мартина изјави дека демократите планираат да преминат во опозиција и нема да учествуваат во преговорите за формирање нова влада.

– Лошите изборни резултати не ни дозволуваат да учествуваме во формирањето на новата владина конфигурација, изјави секретарот на ПД, која на парламентарните избори на 5 март го доживеа најтешкиот пораз во својата историја.

Мартина ги повика партиите што освоија најмногу гласови на изборите да ја фомираат новата влада, порачувајќи им дека „ќе биде добро ако одново застанат цврсто на земја“.

На изборите ниту една партија или коалиција не обезбеди мнозинство во Парламентот. Најмногу гласови освои антиинституционалното популистичко Движење Пет Ѕвезди (М5С) и е најбројна политичка партија во Парламентот, но трите партии од коалицијата на десниот центар – десничарската антимигрантска партија Лигата, конзервативната Форца Италија (ФИ) и националистичката Браќа на Италија (ФДИ), заедно имаат најголем број пратенички места.

Лидерот на М5С, Луиџи ди Мајо предложи формирање влада на „голема коалиција“ по германски модел, која би ја сочинувале неговото движење, Лигата и ПД. Тој нагласи дека М5С не сака да коалицира со Форца Италија на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, поради пресудите против него за даночни измами.

Според идејата на Мајо, претседателот на таквата влада на „големата коалиција“ би го дала неговата партија.

Првиот човек на Лигата, Матео Салвини, меѓутоа смета дека идниот премиер треба да биде од редовите на неговата партија, додавајќи дека нема да се согласи на раскол во десноцентристичкиот блок и влегување во влада без коалицискиот партнер Форца Италија.

Берлускони од своја страна изјави дека Форца Италија е подготвена да биде дел од идната влада, доколку во неа не учествува М5С.

Осврнувајќи се на ваквите ставови, Салвини претпладнево по средбата со Матарела изјави дека доколку никој не отстапи од своите позиции, на Италија и претстојат нови избори.

Тој нагласи дека Лигата се залага за формирање „одржлива влада“, која би функцинирала во текот на целиот петгодишен мандат.

– Ќе направиме се што е неопходно за да формираме влада која ќе работи пет години, изјави Салвини, додавајќи дека таа влада би требало да ја формираат коалицијата на десниот центар и М5С.

Политичкиот аналитичар Софија Вентура уште претходно оцени дека нејјверојатно решение за формирање на идната влада е коалиција меѓу М5С и трите партии од коалицијата на десниот центар.

Сепак за да се постигне тоа, според Вентура, Мајо треба да го промени својот став за некоалицирање со Форца Италија, а Салвини и Берлускони да се откажат од меѓусебниот ривалитет и да најдат компромисен кандидат за премиер. 

Доколку партиите не постигнат договор за формирање нова влада, Матарела ќе може да именува технички кабинет и да распише предвремени парламентарни избори.

(Миа)

Коронавирус