сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 53
home Вести

Макрон во Литванија се сретна со Тихановскаја

Макрон во Литванија се сретна со Тихановскаја

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Вилнус се сретна со лидерката на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја, при што вети помош за посредување во политичката криза во Белорусија.

– Ќе направиме најдобро што можеме за да помогнеме во медијација, рече Макрон по состанокот, кој дополнително беше додаден во распоредот за неговата посета на Литванија.

Тој рече дека планира да се обрати на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) „со цел да се постигне напредок“.

На вчерашниот, прв ден од неговата посета на Вилнус, Макрон ги повика белоруските власти да престанат со незаконското апсење, да ги ослободат произволно уапсените демонстранти, а во неделата побара од белорускиот лидер Александар Лукашенко да поднесе оставка.

Тихановскаја рече дека Макрон и ветил дека ќе и помогне во преговорите со белоруските власти и да за ослободување на политичките затвореници.

– Тој ни вети дека ќе стори сè што може за да помогне во преговорите за време на политичката криза во нашата земја и дека ќе помогне во ослободувањето на политичките затвореници, изјави Тихановскаја по средбата со Макрон во Вилнус, каде што е во егзил. Таа исто така рече дека ќе одржи говор пред француското Национално собрание.

– Добивме покана да зборувам пред францускиот Парламент и ја прифативме, рече таа.

Тихановскаја избега од Белорусија по изборите на 9 август.

Таа вчера го повика францускиот претседател да посредува во решавањето на кризата во Белорусија. Белорусија се соочува со масовни протести од спорните избори на 9 август. И претседателот Александар Лукашенко и Тихановскаја тврдат дека победиле. Според Министерството за внатрешни работи, полицијата во Белорусија во неделата привела повеќе од 350 демонстранти.

Подоцна во текот на денот Макрон треба да ги посети француските војници во НАТО во литванскиот град Рукли.

Коронавирус