понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Макрон: Периодот по 11 мај е наша колективна одговорност

Макрон: Периодот по 11 мај е наша колективна одговорност

Во интервју за француската телевизија претседателот Емануел Макрон истакна дека излегувањето од изолацијата е многу посложено отколку влегувањето во изолација, бидејќи треба да се управува со еволуцијата на вирусот, јави дописникот на МИА.

-Овој период, што почнува на 11 мај, е наша колективна одговорност… После три недели ќе видиме дали има зголемување на бројот на лица во болниците за итни случаи, и ќе процениме каде сме, објасни претседателот на Франција.

Притоа тој најави дека следниот четврток е закажан Советот за безбедност на земјата, на кој ќе бидат донесени конкретните одлуки за излегувањето од изолацијата.

На прашањето за можноста повторно да се отвори пристапот до плажите ова лето, Емануел Макрон не даде прецизен одговор:

-Ние не ја добивме битката. Ние ја успоривме. Ние отвораме нова фаза во моментов, и ако сите сме одговорни, ќе стигнеме таму. Ќе ги ограничиме меѓународните патувања за време на летните одмори. Ќе се обидеме да останеме во Европа, па дури и во поограничено подрачје. Повеќе ќе знаеме на почетокот на јуни, рано е да се каже денес “.

Емануел Макрон исто така им оддаде почит на наставниците:

-Им благодарам на наставниците кои се согласија да бидат присутни за време на изолацијата, кога вознемиреноста беше многу голема во земјата. И им велам на оние кои не сакаат да се вратат: ние никогаш нема да ве загрозиме ако дојдете да ја завршите својата работа. Важно е дека ситуацијата е добро организирана и ние сме во процес на организирање со директорите да воспоставиме различни периоди за да го ограничиме бројот на ученици на час и во класовите, рече тој.

Според него, децата треба да ги вратат во училиштата.

-Да останеш дома два месеци е многу трауматично. Не е важен бројот на училишта што ќе се отворат. Ова враќање мора да биде постепено, нагласи францускиот претседател.

Емануел Макрон ја искористи оваа интервенција да го поправи својот премиер. Тој одби да го употреби зборот „колапс“ за економијата што го спомна Едуар Филип.

-Јас ги немам тие големи зборови, рече претседателот, што само ги потхрани гласините за можен раздор на врвот на извршната власт, за што пишуваат повеќе француски медиуми.

Коронавирус