недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 79
home Вести

Лондонски Хитроу „заглавен“ поради откажаните летови кон Европа

Лондонски Хитроу „заглавен“ поради откажаните летови кон Европа

Илјадници патници останаа заглавени на аеродромот Хитроу откако голем број европски земји го прекинаа воздушниот сообраќај со Велика Британија поради појавата на новиот вид коронавирус во оваа земја.

Забрана за летови може да ја воведе целата Европска унија, а во тек се консултации за заеднички одговор на поморските, железничките и патните врски со Велика Британија. Претходно вчера на оваа тема разговараа францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Франција од полноќ ги прекина сите патувања од Велика Британија, вклучително и транспорт на стока по пат, авион, море или железница.

И Ирска ќе ги прекине сите воздушни врски на најмалку 48 часа. Поморските врски продолжуваат, а одлуката ќе биде преиспитана утре.

Досега сообраќајните врски ги прекинаа Германија, Австрија, Италија, Холандија, Белгија и Бугарија.

Лондонски Хитроу е преполн со илјадници патници, кои не можат да отпатуваат поради овие суспендирања на воздушниот сообраќај.

Во Велика Британија од денеска се затворени сите продавници што не продаваат храна и основни намирници. Исто така, забрането е патувањето надвор од овие зони на највисока узбуна, било во другите делови на Велика Британија, било во странство. Баровите, рестораните и музеите во Велика Британија се затворени од средата.

Постојат ограничувања од четврти степен што ќе бидат ревидирани за десет дена.

Ова значи дека граѓаните не смеат да ги напуштаат своите домови ако работат од дома. Владата им препорачува на граѓаните да патуваат само доколку е апсолутно потребно, да го намалат движењето на минимум и да одат пеш или со велосипед секогаш кога е можно.

Коронавирус