сабота, 28. март 2020. Вести денес: 34
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Лидерите на ЕУ не постигнаа договор за буџетот

Лидерите на ЕУ не постигнаа договор за буџетот

Вонредниот самит за повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ заврши без договор помеѓу 27-те земји членки, a лидерите ветија дека преговорите ќе продолжат во наредните денови и недели.

Австрија, Холандија, Шведска и Данска не попуштија за зголемувањето на стапката од бруто домашниот производ што земјите членки ќе треба да го одвојат за буџетот на ЕУ, и покрај бројните обиди на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, да изготви компромисно решение помеѓу двата табора – “скромните“ и “амбициозните“, како што се нарекуваат самите.

Овие два дена лидерската средба требаше да овозможи буџетски компромис за периодот од 2021 до 2027-ма.

Мишел сметаше дека со предлог од 1,095 милијарди евра, односно 1,074 отсто од БДП на ЕУ ќе успее да ги задоволи двата табора, но по 24 часа преговори очигледно е дека прашањето е премногу чувствително, во момент кога треба да се надомести за истапувањето на Обединетото Кралство, а истовремено да се воведат нови амбициозни политики кои ќе одговорат на големите глобални предизвици, пред сѐ климатските.

Мишел одржа десетици билатерални средби со повеќе лидери на ЕУ, со помош од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, по што, според дипломатски извори, бил поднесен нов предлог со неколку измени врз основа на предлог на Европската Комисија, со понуда за намалување на 1,069 отсто од БДП, што претставува десет милијарди евра помалку.

Веднаш реагираа европратениците на социјалните мрежи нарекувајќи го овој нов “технички предлог“ неприфатлив, со оглед на тоа дека Европскиот Парламент веќе изгласа заеднички став за буџетот, далеку поголем и од начелниот предлог на Мишел.

Луксембуршкиот премиер, Ксавие Бетел, не го криеше своето незадоволство вечерва по завршувањето на самитот.

-Мојот концепт за европскиот проект е различен од она што го нуди холандскиот премиер, Марк Руте, ја гледам ЕУ како шанса, а не како сметка, изјави Бетел пред новинарите. Тој оцени дека е неприфатливо да се намалуваат фондовите за клучни европски буџетски стапки, како што бараат “скромните“.

Земјите од источна и јужна Европа од своја страна не прифаќаат намалување на кохезивните и структурните фондови кои им се многу важни посебно за сиромашните региони. Франција пак се спротивставува на секакво намалување на буџетот за земјоделството. Германија ги поддржува “скромните“ за што помал буџет.

Канцеларката Меркел порача дека разликите се преголеми и дека нема многу шанси да се сменат позициите на земјите членки во иднина, додека Макрон предупреди дека “не смее земјоделството да се жртвува поради Брегзит“. Шпанскиот премиер, Педро Санчез, од своја страна изрази незадоволство поради “замката“ на дебата поделена на “нови и традиционални“ политики.

Не е исклучен нов самит во текот на март доколку во меѓувреме се приближат ставовите.