петок, 23. јули 2021. Вести денес: 118
home Вести

Левичарот Педро Кастиљо прогласи победа на претседателските избори во Перу

Левичарот Педро Кастиљо прогласи победа на претседателските избори во Перу

Кандидатот на перуанските социјалисти Педро Кастиљо вчера прогласи победа на претседателските избори, по тесното водство и неизвесното пребројување на гласовите, иако изборните резултати се уште ги оспорува неговиот десничарски ривал Кеико Фуџимори, ќерката на поранешниот перуански претседател Алберто Фуџимори.

Кастиљо пребројувањето го заврши со предност од 44.058 гласови пред Фуџимори, која, во обидот да поништи некои гласови, изнесе слаби обвинувања дека Кастиљо мамел на изборите, додека меѓународните и домашните набудувачи изборите ги оценија за регуларни.

Изборната комисија официјално ги нема објавено резултатите од изборите на 6 јуни, но Кастиљо, син на неписмени селани, кој во кампањата ја нападна политичката елита во земјата и ја освоија наклонетоста на сиромашното население, победата ја објави на Твитер.

„Почна новото време“, напиша Кастиљо покрај својата фотографија со кренати раце, зборот претседател напишан со големи букви и слоганот „Нема повеќе сиромашни во богата земја“.

Брзиот подем на 51-годишниот поранешен учител ја разниша тамошната политичка и деловна елита и може да има влијание врз рударската индустрија во земјата, втор по големина светски производител на бакар, со оглед на неговите планови да ги зголеми даноците на секторот.

Гласовите од руралните и оддалечените области во дождовната прашума на Амазон, наклонети кон кандидат кој го нагласуваше своето селско потекло, му овозможија да ја престигне ќерката на поранешниот претседател Алберто Фуџимори (1990-2000).

Фуџимори на митинг во центарот на Лима на своите приврзеници им вети дека ќе продолжи да се бори и „да ја брани демократијата во Перу“ и се надева на изборен пресврт по проверката на гласачките ливчиња.

Според неофицијалните резултати, Кастиљо освои 50.125 проценти од гласовите, а Фуџимори, најстарата ќерка на поранешниот претседател, 49.875 проценти од гласовите.

Кастиљо ја повика изборната комисија да ја запре неизвесноста со потврдување на резултатите. Но, набљудувачите велат дека може да поминат денови, па дури и недели, се додека не бидат разгледани сите приговори и официјално да биде прогласен победникот на изборите.

Коронавирус