вторник, 11. мај 2021. Вести денес: 84
home Вести

Лани спречени 40 терористички атентати во ЕУ

Лани спречени 40 терористички атентати во ЕУ

Во 2017 година имало 62 терористички инциденти, од кои 12 биле терористички напади во ЕУ, а властите успеале да спречат 40 атентати. Од 40-те спречени напади, половина имале за цел да ја погодат Франција, информираше денеска Жан Шарл Бризар, од Центарот за анализа на тероризмот (ЦАТ) пред Европскиот Парламент (ЕП).

Анализата цитирана од експертот оценува дека повеќе од половина од 40-те спречени атентати ја имале за цел Франција, далеку пред Велика Британија или Германија.

Бризар денеска се обраќаше пред специјалната комисија за тероризам на Европскиот Парламент. Според него, исчезнувањето на Исламскиот Калифат не значи и крај на тероризмот и предупредува дека надлежните служби во европските држави треба да останат подготвени да се справуваат со терористичката закана, која се помалку доаѓа од надвор, туку е резултат на радикализирани индивидуи во самите европски држави кои се подготвени да нападнат во име на идеологијата на терористичката група „Исламска држава“ (ИД).

– Реалноста е дека оваа закана доаѓа од внатре, таа е распространета, непредвидлива, нема повеќе типичен профил, или начин на оперирање, нема групна логика. Внатрешниот аматерски тероризам не е нов, тоа е идеологија која е трајно вкоренета во нашите земји, изјави Бризар.

Еден пример за ваквиот вид на тероризам е нападот во Ница во 2016 година кога напаѓач прегази 86 луѓе со камион. Нападот не бил координиран со ИД, туку бил резултат на „насилната радикализација“на напаѓачот под влијание на идеологијата и пропагандата на ИД.

– Насилната радикализација уште долго време ќе претставува проблем за нашите земји. Во Европа има околу 70 илјади радикализирани индивидуи, меѓу кои 20.000 се во Франција.

Бризар одговори на обвинувањата дека разузнавачките служби во Европа не се справуваат ефикасно со оваа закана:

– Вкупно 60 отсто од оние кои нападнале не им беа познати на разузнавачките служби, а над 50 проценти од осудените за тероризам немале никакво судско досие.

Како што јави дописничката на МИА во Брисел, Бризар повика на мобилизација и на локалните актери на терен како градовите и општините за да им се помогне на службите навремено да ги детектираат индивидуите кои се на пат на насилна радикализација или веќе радикализирани, но и за да се засили безбедноста на градовите.

Бризар оцени дека проблемот со странските борци кои се враќаат од боиштата во Сирија, Авганистан или Ирак преставува помал проблем отколку оние кои се радикализираат во земјите бидејќи многу мал е бројот на оние кои се враќаат, повеќето од нив или ќе загинат во борба, или ќе останат таму, вели тој. Сепак тој оцени дека оние странски борци кои се веќе вратени во Европа и одлежуваат затворски казни можат да претставуваат закана по нивното ослободување. Во Франција 64% од овие затвореници ќе бидат ослободени до 2020-та година и можат потоа да ендоктринираат други луѓе, рече тој.

МИА

Коронавирус