среда, 3. март 2021. Вести денес: 129
home Вести

Курц гневен на политичарите кои се вакцинирале преку ред

Курц гневен на политичарите кои се вакцинирале преку ред

Австрискиот канцелар Себастијан Курц упати денеска остри критики за неколкумина локални политичари кои се вакцинарале против Ковид-19 иако не припаѓале во приоритетните групи.

– За мене е целосно неприфатливо некој да се вакцинира преку ред. Тоа од морална страна е многу разочарувачко, истакна Курц.

Тој реагираше на информациите дека повеќемина нискорангирани политичари, главно градоначалници, во некои делови на Австрија се вакцинирале преку ред, откако при имунизацијата на персоналот во домовите за стари и изнемоштени лица останале неискористени вакцини.

– Кога ќе останат вакцини важно е тие веднаш да се искористат, но за вакцинирање на повозрасни лица, а не на политичари, нивните сопруги и локални познати личности, нагласи австрискиот канцелар.

Скандалот изби откако докторка во градот Фелдкирх, во сојузната покраина Варалберг, одбила да вакцинира локален градоначалник укажувајќи му дека тој не е по никакви критериуми на ред за вакцинирање.

– Му кажавме дека не е на ред за вакцинирање и дека тоа може да го направи во последната фаза, кога ќе бидат на ред политичарите, истакна докторката.

Во Австрија досега се вакцинирани само 1,4 отсто од населението, што е помалку од планираното.

Коронавирус