среда, 23. јуни 2021. Вести денес: 140
home Вести

Конте му ја предаде оставката на претседателот на Италија

Конте му ја предаде оставката на претседателот на Италија

Италијанскиот премиер Џузепе Конте денеска ја предаде оставката до шефот на државата, отворајќи го патот за формални консултации за надминување на политичката криза, соопшти кабинетот на претседателот.

Италијанскиот претседател Серџо Матарела утре попладне ќе почне консултации со политичките лидери, се вели во соопштението и се додава дека од Конте било побарано да остане на таа позиција во техничко својство додека продолжуваат преговорите.

Конте минатата недела го загуби апсолутното мнозинство во горниот дом на Парламентот, Сенатот, откако пратениците од коалицијата Италија Вива, предводена од поранешниот премиер Матео Ренци, поднесоа оставки незадоволни од тоа како Владата ја решава кризата со коронавирусот и економската рецесија.

Напорите на Конте да ги доведе центристичките и независните сенатори во коалицијата за да се пополни празнината што ја остави Ренци беа неуспешни, па на премиерот не му преостана ништо друго освен да поднесе оставка и официјално да отвори владина криза што ќе му даде повеќе време да постигне договор.

Ако Матарела смета дека Конте би можел да ја добие потребната поддршка за формирање нова влада, ќе му даде рок од неколку дена да се обиде да го финализира договорот и да формира нов кабинет.

Меѓутоа, ако не успее, Матарела ќе мора да излезе со алтернативен кандидат за кого смета дека е способен да формира коалиција што ќе функционира. Во случај сите опции да паднат во вода, ќе мора да распише предвремени избори, две години пред рокот.

ЕУРО 2020

Македонија