недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 74
home Вести

Конго: Се преврте чамец, загинаа повеќе од 30 луѓе

Конго: Се преврте чамец, загинаа повеќе од 30 луѓе

Повеќе од 30 луѓе загинаа во текот на ноќта, кога се превртел чамец на езерото Алберт додека се обидувале да се вратат од Уганда во Конго, соопштиле локалните власти.

-Дрвен чамец се преврте во близина на градот Колокото и досега пронајдовме 33 безживотни тела и седуммина преживеани, изјави Витал Адубанга, локален официјален претставник на местото Вонгонго во провинцијата Итури, објаснувајќи дека силен ветер ја предизвикал несреќата.

Тој нагласи дека треба да се почитуваат прописите кои забрануваат ноќни пловидби, како и дека повеќето жртви се обиделе илегално да се вратат во Конго, со цел да ја избегнат воведената забрана поради коронавирусот.

-Голем број трговци од Конго биле принудени да останат во Уганда откако почна пандемијата на Ковид-19, а кои сакале да се вратат во својата земја… За жал прописите не се почитуваат и затоа има смртни исходи. Ноќните пловидби мора да бидат забранети, порача Адубанга.

Сообраќајот меѓу Конго и Уганда е официјално во прекин во рамки на мерките воведени од двете држави во борбата против Ковид-19. (МИА)

Коронавирус