четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 19
home Вести

Конференцијата за климатските промени на ОН влегува во решавачка фаза

Конференцијата за климатските промени на ОН влегува во решавачка фаза

Конференцијата на ОН за климата што се одржува во Катовице, Полска, денеска влезе во својата последна и најважна фаза со пристигнување на министрите кои треба се договорат за правилникот за спроведување на климатските цели.

– Се прават многу работи, но исто така знаеме дека треба да се направи уште повеќе, изјави полскиот претседател на конференцијата Михал Куртика, на почетокот од втората недела на самитот.

Делегатите од речиси 200 држави цела недела се во Полска на разговори за климатските промени ЦОП24 (COP24), кои се фокусираат на одредување на правилата за финансирање и спроведување на Парискиот договор од 2015 година.

Парискиот договор предвидува што треба да направат земјите, кои работат заедно, за да го намалат глобалното затоплување на 1,5 до 2 Целзиусови степени.

Повеќето напори за спречување на затоплувањето на планетата се однесуваат на запирање на емитувањето гасови со ефект на стаклена градина што е можно побрзо.

Правилникот треба да биде договорен до петок – меѓутоа, доколку е потребно, климатската конференција би можела да трае и подолго од планираното, јави ДПА.

Според агенцијата, „разговорите досега не поминуваат премногу добро, а активистите за заштита на животната средина го критикуваа недостигот на напредок“.

МИА

Коронавирус