понеделник, 17. јуни 2019. Вести денес: 41
home Вести

Колку чинел престојот на Асанж во амбасадата на Еквадор?

Колку чинел престојот на Асанж во амбасадата на Еквадор?

Престојот на основачот на Викиликс Џулијан Асанж во Амбасадата на Еквадор во Лондон чинел 800.000 долари, а не шест милиони евра како што претходно соопшти еквадорското Министерство за надворешни работи, информира Државната комисија за контрола на Еквадор.

Комисијата во извештајот наведува дека најмногу пари биле потрошени за медицински услуги, храна, безбедност и обезбедување на комуникации на Асанж.

Во последните седум години, колку што помина Асанж во Амбасадата на Еквадор, биле потрошени 795.372 американски долари и 71 цент, соопшти Комисијата.
Министерот за надворешни работи на Еквадор Хозе Валенсија на 11 април изјави дека престојот на Асанж во амбасадата чинел шест милиони долари.

Валенсија тогаш рече дека 5,817 милиони биле потрошени за безбедноста на Асанж, додека 400.000 долари отишле на медицински услуги и 300.000 за правни советници.

Еквадорските официјални лица се уште не ја објаснија големата разлика во бројките изнесени од министерот Валенсија и Државната комисија.

Асанж, по седум години престој во Амбасадата на Еквадор во Лондон, минатиот месец беше уапсен и на 1 мај беше осуден на 50 недели затвор поради кршење на условите за кауција.

Против основачот на Викиликс повторно е покрената истрага за силување во Шведска, додека негова екстрадиција бараат САД.