сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Катар ги ослободи притворените норвешки новинари

Катар ги ослободи притворените норвешки новинари

Двајцата новинари на норвешката државна телевизија НРК се вратија денеска во своите домови, откако минаа 30 часови во притвор во Катар, бидејќи известуваа за проблемите на работниците мигранти во земјата, која идната година од 21 ноември до 18 декември ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал.

Катар е под засилен притисок од меѓународната јавност поради нехуман третман на странските работници ангажирани во земјата на изградба на фудбалските стадиони за потребните на Мундијалот, а организациите за заштита на човековите права посочуваат дека и покрај реформите властите во Доха треба да сторат многу повеќе на тој план.

Новинарите Халвор Екеланд и Локман Горбани беа притворени во понеделникот наутро додека известуваа во живо од мигрантски камп, а полицијата ги избриша снимките од нивните камери.

Катарските власти ги лишија новинарите од слобода под обвинение дека „упаднале на приватен имот и снимале без дозвола“, наведувајќи дека полицијата ја известил сопственикот на имотот, чиј идентитет не е објавен.

Норвешкиот премиер Јонас Стоере реагираше на веста за притворањето на новинарите, оценувајќи го тоа како „неприфатливо‘.

– Слободата на печатот е клучно во една функционална демократија. Тоа, исто така, ја покажува важноста на овогодишното доделување на Нобеловата награда за мир (на новинари), напиша норвешкиот премиер на својот Твитер профил.

Коронавирус