вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 2
home Вести

Каталонскиот парламент бара укинување на монархијата во Шпанија, Санчез не прифаќа

Каталонскиот парламент бара укинување на монархијата во Шпанија, Санчез не прифаќа

Каталонскиот Парламент синоќа усвои резолуција со која се бара укинување на монархијата во Шпанија, барање што шпанскиот премиер Педро Санчез веднаш го прогласи за неприфатливо.

Пратениците на сепаратистичките партии и левичарската коалиција „Заедно можеме“ гласаа за усвојување на резолуцијата со која се осудува „кралската интервенција во каталонскиот конфликт“ и се бара отстранување „една застарена и недемократска институција како што е монархијата“.

Кралот Фелипе Шести беше критикуван во Каталонија, особено по неговата остра реторика против каталонските сепаратисти за време на есенската криза минатата година.

Социјалистот Санчез откако дојде на власт го обнови дијалогот со сепаратистите, нудејќи референдум за поголема автономија во Каталонија, но категорично го отфрли организирањето референдум за самоопределување.

Санчез реагираше на Твитер за гласањето на каталонскиот Парламент, истакнувајќи дека усвоената резолуција е недозволива.

– Оваа влада ќе ги преземе сите правни дејства со кои располага за да го заштити законот, Уставот и државните институции, напиша Санчез, без да прецизира кои мерки ќе бидат преземени.