среда, 12. декември 2018. Вести денес: 0
home Вести

Канцеларијата на Фондацијата Отворено општество од Будимпешта се преместува во Берлин

Канцеларијата на Фондацијата Отворено општество од Будимпешта се преместува во Берлин

Фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос соопшти дека ќе ја затвори канцеларијата во Будимпешта и ќе ја премести во германската престолнина Берлин. Фондацијата изјави дека си заминува поради се порепресивната политичката и правна средина во Унгарија.

– Одлуката за преместувањето на дејноста надвор од Будимпешта доаѓа во момент кога унгарската Влада се подготвува да воведе нови ограничувања на невладините организации преку пакет законски мерки, кои  ги нарече „Стоп Сорос“, се наведува во соопштението на Фондацијата.

Виктор Орбан, чија партија победи на парламентарните избори во април, неколку пати го обвини Сорос и неговата организација за промовирање на миграцијата и поткопување на националната култура.

Фондацијата Отворено општество соопшти дека ќе продолжи да ја поддржува работата за заштита на човековите права во Унгарија, како и проекти, поврзани со уметноста, слободата на медиумите, транспарентноста, образованието и здравјето. Фондацијата, сепак, ќе се пресели во Германија со своите меѓународни активности и персонал, досега базиран во Будимпешта.

Одлуката за повлекување на фондацијата од Будимпешта, се случува  ден по соопштувањето на десничарската влада на Орбан дека ќе ги заостри ограничувањата за невладините организации преку закон, кој го нарече Стоп Сорос.

– Владата на Унгарија ја оцрни и погрешно ја прикажуваше нашата работа и го потисна граѓанското општество за политички придобивки, користејќи тактика што е без преседан во историјата на ЕУ, рече Патрик Гаспар, претседател на Фондацијата Отворено општество.

Портпаролот на унгарската Влада Золтан Ковач не ја коментираше веста за повлекување на Фондацијата.