петок, 14. мај 2021. Вести денес: 131
home Вести

Кајмакџи: ЕК е неправедна кон Турција

Кајмакџи: ЕК е неправедна кон Турција

Турскиот амбасадор во Европска унија, Фарук Кајмакџи денеска изјави дека Европската комисија во најновите извештаи е неправедна кон Турција и оти ги фаворизира балканските земји.

Кајмакџи во денешното интервју за „Еурактив“ (EURAKTIV. com) истакна дека ЕК ги игнорираше потешкотиите со кои се соочува Турција и оти на Анкара требаше да и се даде појасна перспектива за пристапување, како што тоа го направи со Западен Балкан.

Како прв проблем во извештајот на ЕК, тој го посочува тоа дека не се прави разлика помеѓу Турција и Западен Балкан.

– Всушност, не постои опис на Западен Балкан. Што е јужен Балкан, што е северен Балкан? Не постои таква дефиниција. Ако зборуваме за земјите кандидати, постојат само пет кандидати и два потенцијални кандидати, а еден од нив дури не е признаен од сите земји членки на ЕУ, наведе Кајмакџи.

Тој додаде дека „ако ЕУ не дејствува како права потпора, не може да очекува која било земја кандидат да биде кредибилен кандидат“.

– Тоа е дилема за ЕУ. Зошто тоа (перспектива) е јасно дадено за шест земји на Балканот, а не за Турција, иако Турција исто така е кандидат? Што е поголема поддршката од ЕУ, тоа Турција ќе биде поподготвена и побрзо ќе ги спроведе реформите и ќе ги усогласи своите закони со европското право, истакна Кајмакџи.

Како втор проблем со Извештајот на ЕК, тој го наведе тоа што Брисел во недоволна мерка ги разбрала проблемите со кои се соочува Турција, спомнувајќи ја организацијата на имамот Фетулах Ѓулен (ФЕТО), која е терористичка и претставува голема закана, како и сириските Курди, кои ја нападнале Турција повече од 700 пати.

– Тоа треба јасно да се разбере. Исто така мораме да се земат предвид и судирите околу Турција, наведе Кајмакџи.

На прашањето зошто ЕК не видела напредок во демократските реформи во Турција, Кајмакџи наведе дека Извештајот се однесува на период „најтежок во историјата“ на земјата, потсетувајќи на обидот за воен удар на 15 јули 2016 година, по што е воведена вонредна состојба.

– Во исто време, Турција се бори против Исламска држава, Курдска работничка партија и организациите на сириските Курди, нагласи турскиот амбасадор во ЕУ.

Тој осврнувајќи се на делот од извештајот за билатералните односи, посочи дека „секако е потребно“ и „природно“ Турција да има добри односи со секоја земја членка на Унијата.

– Но, не помага користењето на овој извештај или институции на ЕУ како средство на моќ против земјите кандидати во име на солидарноста со земјите членки независно од тоа дали одредена членка е во право или не. Мислам на Грција и на грчко-кипарската администрација. Тоа создава поголеми тензии и дополнително го комплицира проблемот потенцира Кајмакџи.

Тој на прашањето дали Русија, во политички и дипломатски поглед е поблиска до турските интереси отколку Европа и САД, наведе дека Турција е дел од Западот и Европа, но оти за сега, за жал, сојузниците на Западот „не се трудат да ја разберат и доволно да ја поддржат“ Анкара.

МИА

Коронавирус