петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 143
home Вести

Јужна Кореја со најмногу новозаразени со коронавирусот од март

Јужна Кореја со најмногу новозаразени со коронавирусот од март

Јужна Кореја во саботата пријави 113 нови случaи на зараза со коронавирусот, соопшти Корејскиот центар за контрола и превенција на болестите (KCDC), што е најголемиот дневен раст на бројот на коронаинфекциите во оваа земја од март.

Во Јужна Кореја, за којашто се проценува дека е една од најуспешните земји во борбата против ширењето на Covid-19, досега се регистрирани 14.092 случаи на зараза со новиот коронавирус и 298 смртни случаи, а од последните 113 случаи 86 дошле од други земји, додека во 27 случаи станува збор за пренесување на вирусот внатре во земјата.

Саботните 113 случaи е најголемата дневна бројка во земјата од 31-ви март, кога беа регистрирани 125 новозаразени со коронавирусот.

Јужнокорејските здравствени власти во петокот најавија дека поради ширењето на пандемијата во светот и големиот број заразени меѓу лицата кои доаѓаат од странство, првпат од април може повторно да се очекува троцифрена дневна бројка на новозаразените.

Позитивни на тестовите на новиот коронавирус биле голем број од членовите на екупаќот на еден руски брод, како и повеќе јужнокорејски работници кои се вратиле во татковината со воен лет од Ирак, објави KCDC.

Поради ширењето на заразата со новиот коронавирус од Ирак во петокот со два воени авиона беа евакуирани 293 јужнокорејски работници.

Коронавирус