петок, 25. септември 2020. Вести денес: 181
home Вести

Јункер за Брегзит: Ризикот од неуредно повлекување се зголеми со денешното гласање

Јункер за Брегзит: Ризикот од неуредно повлекување се зголеми со денешното гласање

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, се огласи со реакција по гласањето на британскиот парламент вечерва кој го отфрли Договорот за брегзит, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Во реакција објавена само неколку минути по резултатите Јункер изрази жалење поради одлуката на британскиот парламент да не го поддржи договорот кој го испреговара премиерката Тереза Меј со ЕУ партнерите. Тој додаде дека процесот на ратификација од страна на земјите членки на ЕУ сепак продолжува.

-Договорот за повлекување е фер компромис и најдобар можен компромис. Тој ја намалува штетата предизвикана од брегзитот за граѓаните и за бизнисите ширум Европа. Тој е единствен начин да се обезбеди уредно повлекување на Обединетото Кралство од ЕУ, соопшти Јункер.
Европските челници повеќе пати повторија дека не е возможно да се добие подобар договор од овој со оглед на комплексноста на ситуацијата. Јункер истакна и дека ЕУ веќе покажала добра волја во процесот со тоа што обезбедила дополнителни гаранции преку писмото испратено вчера.

-Ризикот од неуредно повлекување се зголеми со денешното гласање, предупреди шефот на Европската Комисија.
Јункер бара од Обединетото Кралство да ги “разјасни своите намери“ најбргу што може.

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, пак се кусо се огласи на Твитер:

-Ако договор не е возможен, а никој не сака без договор, кој ќе има храброст да каже кое е единственото позитивно решение?
По две години преговори помеѓу Брисел и Лондон, кон крајот на минатата година беше постигнат “договор за повлекување“ или “договор за брегзит“. По првично одлагање во декември, Меј го врати договорот на гласање во Вестминстер денеска и се соочи со полош резултат од очекуваното: само 202 британски пратеници ја поддржаа, а 432 го отфрлија договорот.

Британците треба да ја напуштат ЕУ на 29 март. По денешното гласање станува сосема неизвесно дали ова воопшто ќе се случи и, пред сѐ, во кои околности и под кои услови.

Коронавирус