петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Јункер: Се надевам на договор за Брегзитот во текот на ноември

Јункер: Се надевам на договор за Брегзитот во текот на ноември

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер денеска изјави дека е целосно посветен на успешно завршување на преговорите за истапувањето на Велика Британија од ЕУ и изрази надеж дека во текот на ноември ќе биде постигнат договор за Брегзитот.

– Преговорите не се лесни, бидејќи добиваме различни сигнали од Лондон. Владата на Велика Британија делува како повеќегласовен хор и ние се обидуваме да ги составиме парчињата за да можеме да добиеме мелодија, изјави Јункер во обраќање пред членовите на австрискиот Парламент во Виена.

Јункер, сепак, изрази надеж дека во текот на овој месец ќе биде остварен „доволен напредок“ во преговорите меѓу Брисел и Лондон за Брегзитот, за да може во текот на ноември да биде постигнат договор.

Според дипломатски извори во Брисел, преговарачите за договор за Брегзит се „многу близу“ до усогласување на условите за истапувањето на Велика Британија од ЕУ и дека во моментов се работи на постигнување компромис за најпроблематичното прашање за иднината на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска.

ЕУ и Велика Британија се обидуваат да постигнат конечен договор за Брегзитот, како и за идните односи меѓу двете страни најдоцна до самитот на Унијата предвиден за 17 и 18 ноември. (МИА)

Коронавирус