среда, 19. јануари 2022. Вести денес: 20
home Вести

Извозот на Кина во ноември зголемен за 21,4 отсто во однос на истиот период лани

Извозот на Кина во ноември зголемен за 21,4 отсто во однос на истиот период лани

Кинескиот извоз порасна за 21,4 отсто во ноември, но забави во однос на претходниот месец, додека увозот исто така се зголеми како последица на зголемената домашна побарувачка.

Извозот од 325,5 милијарди долари е за 21,4 отсто поголем од истиот период претходната година, но е помал во однос на октомврискиот раст од 27,1 отсто, покажуваат денеска објавените податоци на царинската служба.

Увозот се зголеми за 31,7 отсто во ноември на 253,8 милијарди долари, што е за 20,6 отсто повеќе во однос на еден месец претходно.

Кинескиот извоз беше поттикнат од странската побарувачка во време кога другите конкуренти во светот се соочуваа со предизвици поради контролите поврзани со коронавирусот.

Посилниот увоз покажува дека домашната побарувачка закрепнува по падот предизвикан од владините контроли на кредитите во индустријата за недвижнини.

Економскиот раст падна на невообичаено ниски 4,9 отсто во однос на претходната година во кварталот што заврши во септември.

„Извозот и увозот беа над очекувањата минатиот месец благодарение на посилната побарувачка и ублажувањето на недостигот на полупроводници“, вели аналитичар во „Капитал економикс“.

Според него, појавата на варијантата омикрон на вирусот на краток рок веројатно ќе ја поддржи побарувачката за кинески извоз, но неизвесно е какво ќе биде долгорочното влијание на тој сој. (МИА)

Коронавирус