среда, 14. ноември 2018. Вести денес: 114
home Вести

Извештај: Во војната против тероризмот загинале најмалку 500.000 луѓе

Извештај: Во војната против тероризмот загинале најмалку 500.000 луѓе

Најмалку 500.000 луѓе загинаа во Ирак, Авганистан и Пакистан од почетокот на војната против тероризмот, што САД ја почнаа по нападите на 11 септември 2001 година, се наведува во извештајот на Институтот за меѓународни односи Вотсон при Универзитетот Браун.

Во извештајот не е прецизирана точната бројка на жртви, туку се истакнува дека за 17 години загинале од 480.000 до 507.000 луѓе, но се стравува дека е можно бројката да биде и поголема.

Новите податоци покажуваат зголемување на бројот на жртви за 110.000  во споредба со претходниот извештај објавен во август 2016 година.

Во извештајот се посочува дека иако војната против тероризмот често не го добива потребното внимание од страна на јавноста, медиумите и американските конгресмени, порастот на бројот на загинати покажува дека војната не губи интензитет, туку се засилува.

Во податоците за жртвите вклучени се и загинатите цивили, бунтовници, полицајци, членови на локалните безбедносни сили, а исто така и американски војници и припадници на сојузничките сили.

Најголем број цивилни жртви регистрирани се во Ирак од 182.272 до 204.575 луѓе, а следува Авганистан (38.480) и Пакистан (23.372).

Во Ирак и во Авганистан убиени се приближно 7.000 американски војници.

– Можно е никогаш да не ја добиеме реалната бројка на жртви од таквите војни, изјави авторката на извештајот Нета Крафорд, додавајќи оти голем број од жртвите, регистрирани како борци, можно е да биле цивили.

Во извештајот на Институтот за меѓународни односи Вотсон при Универзитетот Браун не се вклучени индиректните жртви во војната против тероризмот, кои починале од болести или поради недостиг на инфраструктура.

МИА