вторник, 15. јуни 2021. Вести денес: 0
home Вести

Израелските медиуми: Амбасадата на Косово ќе биде трета во Ерусалим

Израелските медиуми: Амбасадата на Косово ќе биде трета во Ерусалим

Приштина ќе отвори амбасада во Ерусалим и тоа ќе биде само третата дипломатска мисија во тој град, чиј источен дел Израел го окупираше во Шестдневната војна во 1967 година и потоа го анектираше, јавија денес израелските медиуми по воспоставувањето дипломатски односи меѓу Косово и еврејската држава.

Засега таму свои амбасади отворија само Соединетите Американски Држави и Гватемала, а Косово ќе биде првата држава со мнозинско муслиманско население која во Ерусалим ќе отвори дипломатско претставништво.

Истите извори наведуваат дека и Србија најави дека ќе ја пресели амбасадата од Тел Авив во Ерусалим, но не го направи тоа.

Повеќето останати земји кои имаат дипломатски односи со Израел отворија амбасади во Тел Авив за да го избегнат гневот на Палестинците кои тежнеат во источен Ерусалим да биде главниот град на нивната идна држава.

Одлуката за меѓусебно признавање на Косово и Израел беше донесена во септември минатата година во Белата куќа, кога српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти се согласија да ги нормализираат економските односи, со посредување на тогашниот претседател на САД Доналд Трамп.

Министерот за надворешни работи на Израел Габриел Ашкенази денес изјави дека „Израел сака стабилен Балкан“, додавајќи дека „ја смета Србија за значаен партнер на Балканот“.

Администрацијата на Трамп го призна Ерусалим за главен израелски град на крајот на 2017 година и ја пресели таму својата амбасада следната година во мај.

Таа ги охрабруваше и другите земји да го направат истото, што Палестинците го критикуваа, како и многумина во Европа бидејќи израелско-палестинскиот конфликт не е решен.

Денес на виртуелната церемонија на воспоставувањето на односите меѓу Косово и Израел беше откриена плочата која ќе биде поставена на идната амбасада на Косово, а се очекува мисијата да биде отворена во јули.

Израелските медиуми претходно објавија дека Израел засега нема да отвора амбасада во Приштина, и дека ќе постави нерезиденцијален амбасадор.

На виртуелната церемонија денес министерот Ашкенази со колешката Мелиза Харадинај Стубла од Косово ги потпишаа документите за воспоставување на односите.

ЕУРО 2020

Македонија