петок, 5. август 2022. Вести денес: 150
home Вести

Израелците го бомбардираат појасот Газа, Исламски џихад се закани со одмазда

Израелците го бомбардираат појасот Газа, Исламски џихад се закани со одмазда

Израелските сили (ИДФ) бомбардираа цели во Газа за кои тврдат дека се поврзани со Исламскиот џихад и го убиле командантот на тоа исламистичко милитантно движење кој најави одмазда тврдејќи дека може да го погоди и Тел Авив.

Локалните здравствени власти соопштија дека во нападот загинале најмалку осум лица, вклучително и едно петгодишно дете, а 44 се повредени.

„ИД во моментов напаѓа во Појасот Газа. Прогласена е посебна ситуација на израелскиот домашен фронт“, соопшти армијата.

Претставник на палестинскиот Исламски џихад изјави дека Тајсер ал Џабари, висок командант на движењето, бил убиен во нападите, кои погодиле неколку цели во густо населена област.

Нападите доаѓаат откако Израел го уапси Басам ал Саади, висок водач на палестинската исламистичка џихадистичка група, за време на рација во окупираниот град Џенин на Западниот Брег претходно оваа недела.

Последователно, сите премини во Газа и околните патишта се затворени поради страв од репресалии од групата со седиште во Газа.

Во изјавата емитувана на ТВ Ал Мајадин, проирански либански канал, лидерот на исламските џихадисти Зиад ал Нахала вети одмазда за нападите. „Нема црвени линии во оваа борба и Тел Авив ќе падне под гранатите на отпорот, како и сите израелски градови“, рече тој.

Газа, тесен појас на земја на кој живеат 2,3 милиони луѓе на 365 квадратни километри, е постојана точка на конфликт откако Хамас ја презеде контролата врз областа во 2007 година.

Израел водеше пет конфликти со Газа од 2009 година, а последниот конфликт беше во мај 2021 година, кога Хамас истрела илјадници ракети врз Израел, а Израел одговори со воздушни напади врз Појасот.

Коронавирус