четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 184
home Вести

Италија од младите бара поодговорно однесување во однос на Ковид-19

Италија од младите бара поодговорно однесување во однос на Ковид-19

Италијанската Цивилна заштита ја соопшти структурата на заразените од Ковид-19 во таа земја и испрати посебно предупредување до младите.

Новиот коронавирус во Италија најмногу ги погаѓа повозрасните лица, а пет отсто од заразените се помлади од 30 години. Попрецизно, 420 лица, помлади од 30 години, во моментов се заразени, објави „Кориера дела Сера“. Меѓу заразените, 43 се деца на возраст до девет години, што е 0,05 отсто од вкупно заразените. На возраст од 10 до 19 години заразени се 85 лица, а од 20 до 29 години инфицирани се 296. Во возрасната група од 30 до 39 години има 470 случаи на зараза, од 40 до 49 има 891 случај, потоа од 60 до 69 години 1417 случаи, на возраст од 70 до 79 има 1785 инфицирани и евидентирани се 1532 случаи кај лица постари од 80 години. Просечната возраст на заразените е 65 години.

Претседателот на италијанскиот Институт за здравство Силвио Брусаферо, поради сè поголемиот број заразени, испрати посебно предупредување до младите.

– На 4 март просечна возраст на заразените беше 81 година, а сега просечната возраст е 65 години. Пет отсто од заболените се помлади од 30 години, а тој број може да се зголемува бидејќи младите луѓе не се однесуваат одговорно. Иако имаат помлаги симптоми од повозрасните и болеста не ги погодува толку колку и возрасните, тие сепак можат вирусот да го пренесат на постарите и поради тоа мора да се однесуваат многу поодговорно и да ги следат советите на стручните служби, потенцира Брусаферо.

Италијанските здравствени власти, исто така информираа дека 62 отсто од заразените се мажи.

Една петтина од сите заразени во Италија се хоспитализирани, а 12 отсто од нив вчера беа на одделот за интензивна нега.

Коронавирус