петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 229
home Вести

Исповед на докторката која го откри коронавирусот: Сѐ почна кога дојде жена со кашлица и проблеми со дишењето

Исповед на докторката која го откри коронавирусот: Сѐ почна кога дојде жена со кашлица и проблеми со дишењето

Докторката Жанг Џијан, која работи на одделението за респираторна и интензивна нега во болница во Вухан, се води како првата лекарка која го открила коронавирусот.

Таа за новинската агенција Синхуа опишала како изгледале првите денови од епидемијата која се прошири токму од тој кинески град. Говорејќи низ сината маска, таа ги открила деталите од првата средба со смртоносната болест која досега однесе преку 152.000 животи во светот.

Како што вели, првите два случаи на коронавирус биле постар маж и неговата сопруга.

– Првиот случај што го примивме беше постара жена која имаше треска, кашлица и проблеми со дишењето. Нејзиниот сопруг и син дојдоа со неа, но мажот дојде кај лекар, бидејќи се чувствувал омалаксано. Немаше треска… Размислувавме дали можеби и синот е исто така болен. Кога направивме тест, бевме сигурни дека и синот имал проблем со белите дробови – раскажува д-р Жанг.

Докторката рекла дека симптомите што ги имало тоа семејство личеле на „грип или воспаление на белите дробови“, но нивните КТ снимки откриле дека белите дробови им биле мошне оштетени.

– Снимките покажаа дека вирусната инфекција предизвикала оштетувања на нивните бели дробови. Меѓутоа, белите дробови кај синот биле многу пооштетени отколку што сме виделе кога било – рекла Жанг, која во 2003 година била ангажирана во борбата против САРС.

Меѓутоа, кога на 27 декември дошол уште еден пациент со истите симптоми, таа поднела извештај до болницата и предупредила дека веројатно е „откриена вирална болест која е најверојатно заразна“, со оглед на тоа дека имала искуство претходно со ширењето на САРС.

Пациентите почнале да пристигнуваат

Таа тврди дека и други пациенти почнале да пристигнуваат со слични симптоми, после што се консултирала со 10 експерти и го пријавила целиот случај.

– Се посомневавме дека нешто не е во ред, но не знаевме што точно беше тоа – рекла таа за агенцијата Синхуа.

Следниот ден е започната истрага, а на 30 декември сите здравствени установи во Вухан се предупредени дека почнала „епидемија на воспаление на белите дробови од непознат причинител во градот“.

Тим од експерти од Националната здравствена комисија на Кина е испратен во Вухан, а на сите жители им е кажано да носат маски и да ги избегнуваат местата каде што има поголема количина на луѓе. До тој момент, 27 случаи на коронавирус се потврдени во Вухан.

Блокадата на градот траела речиси два месеци

Цел град од 11 милиони жители е ставен под блокада. Сѐ запрело, а градот изгледал како еден огромен карантин со огромен број луѓе. И така 76 дена.

Вухан е отворен дури пред извесно време бидејќи не се забележани нови случаи на коронавирус. Жанг е наградена за нејзината работа и придонесот во борбата против оваа болест. Меѓутоа, докторката таа награда ја примила со доза на скромност.

– Работев како што секој доктор би требало да работи, се водев од професионализмот, рече Жанг.

Корекција на бројот на мртви

Кинеските власти, меѓутоа, се најдоа на удар поради наводното „фингирање“ на бројот на жртвите од коронавирусот. Имено, официјалните лица од Вухан, градот каде изби пандемијата, го коригирале бројот на оние кои починале од вирусот ковид=19 и додале уште 1.290 жртви. Вкупниот број на починати е 3.869, соопштиле градските власти, а пренесува Си-ен-ен.

Вухан исто така го ревидираше и бројот на заболени, па со додадените 325 случаи досега вкупно биле заразени 50.333 луѓе. Официјалните лица нагласиле дека овие измени се внесени за да покажат „одговорност кон историјата, луѓето и жртвите“, како и за да обезбедат „отвореност, транспарентност и точност на податоците“.

Министерот за надворешни работи на Кина, Жао Лијиан, рекол дека Кина никогаш не ги прикривала размерите од епидемијата на коронавирусот и дека Владата тоа не го дозволува. Според последните податоци, во Кина се забележани со 82.719 случаи на коронавирус, од кои 4.632 починале.

Американските известувачи тврдат: Кина лаже, намерно го намали бројот на жртвите од коронавирусот

Американските разузнавачки служби претходно изнеле во јавноста дека сметаат дека Кина драстично го намалила бројот на заразени од коронавирусот, како и вистинската бројка на смртни случаи. Како што наведуваат светските медиуми, станува збор за низа тајни документи кои пристигнале во Белата куќа, а три анонимни извори тврдат дека Кина намерно ги лажирала извештаите за жртвите на коронавирусот.

Коронавирус