среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 169
home Вести

Индонезија почна имунизација со кинеската вакцина КоронаВак

Индонезија почна имунизација со кинеската вакцина КоронаВак

Индонезија денеска започна една од најголемите светски кампањи за вакцинација против Ковид-19, а шефот на државата Џоко Видодо е меѓу првите кои ја примија првата доза на вакцината КоронаВак, која ја разви кинеската компанија „Синовак Биотек“.

Целта на вакцинацијата е да се имунизираат 181,5 милиони луѓе.

Видодо беше вакциниран во претседателската палата, при што ја истакна важноста на кампањата за имунизација во земјата.

– Вакцинирањето е важно за да се спречи пренесувањето на Ковид-19 и да му се овозможи заштита и сигурност на секој граѓанин на Индонезија, со што ќе се помогне во забрзување на економското закрепнување на државата, изјави Видодо.

Индонезискиот министер за здравство Буди Гунади Садикин истакна дека до февруари ќе бидат вакцинирани речиси 1,5 милиони здравствени работници, а потоа следуваат јавните службеници и општата популација во рок од 15 месеци.

За разлика од голем број земји, Индонезија планира прво да го вакцинира своето работоспособно население, а не повозрасните лица, делумно и поради тоа што нема доволно податоци од клиничките испитувања за ефикасноста на КоронаВак за повозрасните луѓе.

Власта оцени дека две третини од 270 милиони жители мораат да се вакцинираат со цел да се постигне колективен имунитет, а трошоците за таа програма се очекува да изнесуваат повеќе од 5,26 милијарди долари.

Индонезија соопшти дека нејзините испитувања покажале дека КоронаВак има стапка на ефикасност од 65,3 отсто, но бразилските истражувачи наведуваат дека вакцината кај нив била ефикасна само 50,4 проценти. Турските истражувачи, пак, минатиот месец потврдија дека кинеската вакцина покажала ефикасност од 91,25 отсто врз основа на прелиминарните податоци.

Исто така, обезбедени се и речиси 330 милиони дози вакцини против Ковид-19, вклучувајќи ги и оние на производителите АстраЗенека и на Фајзер/БиоНТек.

Коронавирус