сабота, 8. мај 2021. Вести денес: 0
home Вести

Инцидент во џамија во Турција, полицијата ги растера верниците

Инцидент во џамија во Турција, полицијата ги растера верниците

Во регионот Газиантеп во југоисточниот дел на Турција се случи поголем конфликт во една џамија, во кој учествуваа собрани верници, како и членови на Фондацијата Фуркан, од една страна, и припадници на полициските сили, од друга страна.

Со оглед на тоа што во Турција моменто е во сила целосен карантин, кој, меѓу другото, опфаќа и забрана за собирање во затворен простор, членовите на организацијата Фуркан изразија незадоволство од ваквата одлука на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП).

Лидерите на организацијата сметаат дека забраната за собирање во џамии воедно подразбира и одземање на верските слободи.

Во знак на протест, членовите на организацијата се собраа на молитва во една од џамиите во Газиантеп, а лидерите на движењето истакнаа дека сите верници ќе го почитуваат растојанието и ќе носат маски во џамијата.

Сепак, многу брзо откако верниците се собраа, полициските сили влегоа во џамијата и им наредија на верниците да заминат. Бидејќи верниците и членовите на организацијата Фуркан одбија да ја напуштат џамијата, дојде до конфликт меѓу двете страни, а безбедносните сили употребија и солзавец за да ја растераат толпата.

– Ова не е Израел, ова е Турција. Оние кои им дозволуваат на луѓето да се собираат на стадионите, јавниот превоз и компаниите, и покрај епидемиолошките мерки, ги спречуваат верниците да се молат во џамии, велат од организацијата.

Фондацијата Фуркан е позната во Турција по бројни политички ексцеси, а по најновиот инцидент, Алпарслан Кујтул, официјален претставник на Фуркан, изјави дека ќе продолжи да инсистира на собири во џамиите.

Најригорозниот карантин во Турција започна на 29 април и ќе трае вкупно три недели. Како дел од новите епидемиолошки мерки, турските власти забранија и собири на верници во џамиите.

Коронавирус