среда, 14. ноември 2018. Вести денес: 76
home Вести

ИД со видео-снимка ја потврдува вмешаноста во нападот во Иран

ИД со видео-снимка ја потврдува вмешаноста во нападот во Иран

Новинската агенција на Исламска држава, Амак синоќа објави видео-снимка на која тројца мажи во возило, наводно се упатуваат да извршат напад врз воената парада во иранскиот град Ахваз.

На снимката, објавена еден ден по нападот во Ахваз, при што загинаа 25 луѓе, од кои 12 припадници на Револуционерната гардам двајца мажи зборуваат на арапски јазик за џихад, додека третиот се обраќа на персиски јазик. Тие навестуваат дека мета на нивниот напад се членови на иранската Револуционерна гарда.

Техеран за нападот во Ахваз ги обвини арапските сепаратисти како и една „мала“ држава од Персиски Залив.

– САД ги поддржуваат сите мали платенички земји кои ги гледаме во регионот. Нив ги охрабруваат Американците, изјави вчера Хасан Рохани пред поаѓањето за Њујорк, каде присуствува на седница на Генералното собрание на ОН.

Одговорноста за нападот во саботата ја презеде и антивладината арапска организација Национално движење на Ахваз, но и Исламска држава.

Портпаролот на иранската Револуционерна гарда најави одмазда, додавајќи дека членовите на Движењето се обучувани од две арапски земји од Персискиот Залив и оти е поврзано со САД и Израел.

Претходно, ИД преку соопштение ја презеде одговорноста за нападот во Ахваз.

– Борците на ИД ја нападнаа воената парада во градот Ахваз, се наведува во соопштението на џихадистичката група.

(Миа)