петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 160
home Вести

Градоначалникот на Ѓер поднесе оставка поради снимка со оргии на јахта

Градоначалникот на Ѓер поднесе оставка поради снимка со оргии на јахта

Поранешниот олимписки шампион во гимнастика Золт Боркаи, кој освои втор мандат за градоначалник на унгарскиот град Ѓер, денеска соопшти дека поднесува оставка поради вмешаност во сексуален скандал, кој доведе и до намалување на поддршката на јавноста за владејачката партија Фидес, на неодамна одржаните локални избори.

Боркаи ја напуштија партијата Фидес минатиот месец, со цел да ги ограничи политичките последици од објавувањето на видео снимка на која, тој е во сексуален однос со девојки на јахта во Јадранското Море. Локалните медиуми информираат дека жените кои учествувале во оргијата биле проститутки. Тој се извини за своите постапки, кои ги оквалификува како грешка.

Не е познато кој или зошто го снимил видеото од, како што Боркаи посочува, приватно патување на јахта. Видеото, објавено од анонимен блогер вклучува и конверзација која имплицира на корупција. Но засега нема доказ за таквите шпекулации. Блогерот, кој се нарекува себе си „адвокат на ѓаволот“ и кој тврди дека е правник од опкружувањето на Боркаи, вели дека на јахтата се користел и кокаин. Градоначалникот призна дека снимката е автентична, но ги демантираше обвиненијата дека користел дрога. Тој испрати извинување до своето семејство.

Снимката се објави во јавноста само неколку дена пред локалните избори, одржани на 13 октомври, а аналитичарите истакнуваат дека тоа беше еден од факторите за изненадувачки лошите резултати на Фидес.

Оженет, со две деца, Боркаи беше и под притисок на премиерот Виктор Орбан да се повлече од функцијата. Тој соопшти дека ќе ја напушти функцијата во петок, еден ден откако требаше официјално да биде инаугуриран за втор мандат. Сепак, тој ќе продолжи да ја извршува градоначалничката функција додека не се избере негов наследник на повторно избори- процес кој би можел да трае повеќе месеци.