вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 60
home Вести

Германците повеќе се плашат од Трамп отколку од коронавирусот

Германците повеќе се плашат од Трамп отколку од коронавирусот

И покрај коронавирусот, Германците се оптимисти и имаат толку малку стравови колку што одамна не се случило – е изненадувачкиот резултат од едно истражување, јави Дојче Веле.

Веќе 28 години, по налог на Рајфајзен Фолксбанке Осигурување Р+В, се спроведуваат анкети околу стравовите на Германците.

И токму во 2020, годината на короната, Германците се најмалку уплашени во споредба со претходните децении. Секако дека во јавност носат маска и се претпазливи. Но, страв од заразување со коронавирусот имаат само малкумина.

– Затоа индексот на сите стравови паѓа од 39 на 37 проценти, на најниско ниво од почетокот на спроведувањето на анкетите во 1992 година, изјави Бригите Ремштет, која го води инфоцентарот на Р+В Осигурување.

За студијата биле испитувани мажи и жени постари од 14 години. Анкетарите ги прашувале испитаниците за најголемите политички, економски, лични и еколошки стравови и притоа откриле дека короната на Германците им предизвикува релативно малку страв.

Само 32 проценти (изминатата година биле 35) стравуваат од тешко заболување во оваа година во која доминира коронавирусот.

– Исто така, само една третина од испитаниците стравувале дека нему лично или на лица од опкружувањето ќе му се случи зараза со корона, објаснува Ремштет.

Слични резултати покажало и испитувањето за трендот во Германија на првата германска телевизија спроведено на почетокот на месецов.

Германците, и покрај растечките бројки на заразени и свеста дека опасноста и натаму постои, сепак се доста релаксирани. Само 42 проценти од испитаниците стравуваат дека со глобализацијата во иднина може да има повеќе пандемии.

– Со оглед на брзото ширење на вирусот во светот тука очекувавме поголем процент. Според нашите сознанија, луѓето имаат многу повеќе страв од тоа дека вирусот им ја загрозува благосостојбата отколку здравјето, вели Ремштет.

На 3 ноември Американците избираат нов или старо-нов претседател. За многу Германци ова второво би било хорор верзија. За нив Доналд Трамп е на врвот на скалата на страв, пишува Дојче Веле. За 53 проценти од испитаниците најмногу страв предизвикува американскиот претседател – на прво место! Уште во 2018 водеше на ранг-листата во анкетата околу стравовите.

Професор Манфред Г. Шмит смета дека овие стравови се „основани“.

– Трамп со неговата надворешна политика постојано предизвикува меѓународни компликации, вели политикологот и како пример го наведува трговскиот конфликт со Кина, или напади против сојузници како Германија. (МИА)

Коронавирус