среда, 19. декември 2018. Вести денес: 0
home Вести

Франција со закон им забрани на родителите да ги тепаат децата

Франција со закон им забрани на родителите да ги тепаат децата

Долниот дом на францускиот Парламент, Националното собрание, денеска усвои законски измени со кои на родителите им се забранува физичко казнување на нивните деца.

Како што јави ДПА, со измените на францускиот Граѓански кодекс, родителите се задолжуваат своите деца да ги воспитуваат без употреба на „физичко и психолошко насилство“.

Со законските измени, Собранието ја овластува Владата да го процени обемот на физичкото казнување на децата во Франција и следната година да изработи препораки за преземање мерки за подигнување на свеста на родителите за ова прашање.

Измените на Граѓанскиот кодекс беа поддржани од пратениците на владејачките центристички и на левичарските партии, против беше екстремно десничарскиот Национален собир, а мнозинството од претставниците на најголемата опозициска сила, конзервативната партија Републиканци се воздржаа од гласање.

Пред да стапат во сила, законските измени треба да ги одобри и Горниот дом на францускиот Парламент, Сенатот, каде опозицијата има мнозинство.

На усвојувањето на законските измени реагираше Советот на Европа, кој ваквата одлука ја оцени како историска.

Забрана за физичко казнување на децата од страна на родителите прва во светот воведе Шведска, уште во 1966 година. По неа, вакви забрани воведоа уште 54 земји во светот, меѓу кои се и 22 од 28-те актулени членки на ЕУ.