недела, 19. јануари 2020. Вести денес: 91
home Вести

ФРАНЦИЈА НЕ СЕ СМИРУВА: Затворено метрото околу Париз поради протест за пензионирањето

ФРАНЦИЈА НЕ СЕ СМИРУВА: Затворено метрото околу Париз поради протест за пензионирањето

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе се сретне со министрите кои работат на реформата на пензискиот систем, што предизвика штрајк во целата земја и блокираше клучни транспортни услуги.

Париз е сè уште парализиран, при што само два воза возат без возач во метрото. Железничката мрежа „SNCF“ соопшти дека денес работи секој шести брз воз.

Штрајкот, кој започна на 5 ноември околу реформата на пензискиот систем, потсетува на штрајкот од 1995 година кога, по три недели масовни протести, владата мораше да ја промени својата социјална политика.

Премиерот Едуар Филип рече дека Владата нема да се откаже од најавените реформи.

-Ако не спроведеме далекусежни, сериозни и прогресивни реформи денес, тогаш утре ќе бидат многу побрутални“, рече Филип.

Францускиот премиер треба да ги објави сите детали за реформата, што вклучува спојување на сите постојни пензиски шеми во една.

Синдикатите велат дека предлогот на Макрон за единствен пензиски систем ќе принуди милиони луѓе во приватниот и јавниот сектор да работат дури и откако ќе наполнат 62 години, што сега е валидна старосна граница.

Лидерот на синдикатот „CGT“, Филип Мартинез, рече дека штрајкот ќе продолжи се додека владата не го повлече планот.

Три најголеми синдикати на железничките работници најавија дека штрајкот ќе се засили утре.

Синдикатите најавија нов бран масовни демонстрации во вторник, 10 декември, а сообраќајните проблеми се очекува да продолжат.

Покрај работниците, на штрајкот им се придружуваат „жолтите елеци“ кои вчера повторно излегоа на улиците на Париз и другите градови низ целата земја.