сабота, 16. октомври 2021. Вести денес: 0
home Вести

Франција ја отвора архивата за периодот на геноцидот во Руанда

Франција ја отвора архивата за периодот на геноцидот во Руанда

Франција денеска за пошироката јавност ја отвора архивата за настаните во Руанда меѓу 1990 и 1994 година, 27 години по почетокот на геноцидот врз Тутсите во оваа африканска земја, соопшти францускиот Службен весник.

Станува збир за приватните архиви на поранешниот претседател Франсоа Митеран, а потоа и на премиерот Едуар Баладур.

Неколку документи, особено дипломатски телеграми и доверливи белешки, се појавија во извештајот за улогата на Франција во Руанда меѓу 1990 и 1994 година, поднесен од комисија на историчари кон крајот на март.

Извештајот се однесува на улогата на Франција во текот на четирите одлучувачки години, кога се случи геноцидот на владеачките Хути врз 800.000 Тутси, меѓу април и јули 1994 година. Историчарите особено укажуваат на одговорноста на Митеран и Генералштабот на француската армија кои ги игнорираа предупредувањата за опасноста од геноцид.

По повод 27-годишнината од почетокот на геноцидот предвидени се неколку комеморации, меѓу кои и во Франција.

Францускиот претседател Емануел Макрон изрази надеж за „неповратно“ приближување со официјален Кигали. Иако дојде до затоплување на односите меѓу двете земји со доаѓањето на Макрон на власт во 2017 година, улогата на Франција во Руанда е се уште деликатна тема.