среда, 21. октомври 2020. Вести денес: 148
home Вести

Флорида – клучна држава за победа на изборите во САД

Флорида – клучна држава за победа на изборите во САД

Флорида е клучна во американските претседателски избори. Таа е најголема сојузна држава меѓу неопределените односно меѓу оние кои некогаш се приклонуваат кон Републиканците а некогаш кон Демократите. Токму затоа кампањите и на Трамп и на Бајден во голем дел се фокусирани таму.

Сосетката на Џоани Стејн, Рики, и направи нов знак за поддршка на Џо Бајден откако стариот бил украден во текот на ноќта. Стејн не сака дури ни да го изговори името на Доналд Трамп.

„Јас рециклирам, правам се што можам за Земјата. Ги имам истите вредности како Џо Бајден и Камала Харис. Имам спротивни вредности од личноста која повторно се кандидира“, вели Џоани Стејн, жителка на Флорида.

Со 71 година Стејн е една од 4.2 милиони повозрасни жители на Флорида кои имаат голем удел во изборниот резултат.

Меѓу нив е и Грациела Лоу, имигрантка од Аргентина, која гласа за Доналд Трамп.

„Нам ни треба некој кој не се грижи само за секој американски граѓанин. Ни треба некој кој знае како да биде претседател и кој знае како да биде лидер. Не може да ја заштитите вашата куќа ако вратата е отворена и секој може да влезе во неа“, вели Лоу.

Лоу зборува за строгата имиграциска политика на Трамп која е многу популарна кај неговите поддржувачи.

Гласачите во Флорида се клучни при претседателските избори. Бил Клинтон во 1992-та е последниот претседател кој стигнал во Белата Куќа без да победи во Флорида.

Во изминатите 20 години разликата меѓу кандидатите беше само неколку процентни поени.

Партиските реклами на англиски и на шпански ја преплавија Флорида каде секој четврти гласач има латиноамериканско потекло.

Трамп постојано го обвинува Бајден дека има социјалистичка агенда, тврдење кое според Хериберто Санчез кој по потекло е од Порторико, не е точно.

„Иронично е што локалната пропаганда што ја прават е обид да ги придобијат гласовите на Венецуелците и Кубанците правејќи Бајден да изгледа како социјалист кој би не одвел во комунизам како лидерите таму, а всушност сосема е спротивно. Не постои поцентристички кандидат“, вели Хербиерто Санчез, жител на Флорида.

Но, прашањата за приклонување кон социјализмот силно одекнуваат во Флорида, вели Хавиер Полит од Латиноамериканскиот совет. Тој го поддржува Трамп.

„За Латиноамериканците капиталистичкиот систем е многу важен. Ние имигриравме овде, многумина од нас, и напорно работевме исто како и нашите предци, напорно работевме за да ги имаме нештата кои ги имаме денес и слободите кои ги имаме денес во Флорида“, вели Хавиер Полит, Латиноамерикански совет.

Артур Сајмон е професор по политички науки на Универзитетот на Мајами. Тој бил дел од Претставничкиот дом на Флорида во шест мандати.

„Гласовите на Порториканците се приклонуваат кон Демократите, додека Американците – Кубанци се приклонуваат кон Републиканците. Може да има баланс, овие две групи се балансираат една со друга“, вели Сајмон.

Поради ова излезноста на изборите веројатно ќе има одлучувачка улога за победникот.

Со речиси 22 милиони жители Флорида е трета најнаселена сојузна држава и обезбедува 29 од 270-те потребни електори за победа на изборите.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ.

Коронавирус