четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 115
home Вести

Фејсбук казнет со пет милијарди долари за откривање на лични податоци на корисниците

Фејсбук казнет со пет милијарди долари за откривање на лични податоци на корисниците

Американските регулатори му изрекоа рекордна казна од пет милијарди долари на Фејсбук поради скандалот со откривањето на личните податоци на корисниците, објавија тамошните медиуми.

Ова е заклучокот на истрагата на Федералната комисија за трговија (ФТЦ), која ги испитуваше обвинувањата дека политичката консултантска фирма „Кембриџ аналитика“ незаконски дошла до личните податоци на 87 милиони корисници на Фејсбук. Двете страни засега не се огласија со коментар.

Агенцијата за заштита на потрошувачите ја почна истрагата во март 2018, откако се дозна дека „Кембриџ аналитика“ добила пристап до податоците на десетици милиони корисници на Фејсбук. Истрагата се фокусираше на тоа дали Фејсбук прекршил договор од 2011, според кој морал да ги извести корисниците и тие да дадат одобрување за споделување на нивните податоци.

Иако рекордно висока, казната е во рамките на она што го очекуваше и самиот Фејсбук.

„Кембриџ аналитика“ е британска фирма која дојде до големо количество лични податоци преку квиз на Фејсбук и потоа ги искористи за да го проучи психолошкиот профил на американските гласачи и да влијае врз нив да гласаат за Доналд Трамп на изборите во 2016.