четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Вести

ФБИ предупредува: Паметните телевизори може да ве шпионираат

ФБИ предупредува: Паметните телевизори може да ве шпионираат

Во сезоната на големи попусти на крајот од годината и од Црниот петок наваму, електронските уреди се особено барани, а меѓу нив сe и т.н. паметни телевизори.

Сепак, ваквите телевизори, бидејќи за разлика од обичните овозможуваат поврзаност со интернет, се особено ранливи. На тоа предупредува дури и американското ФБИ.

Во новата објава на блогот на преставништвото на ФБИ во Орегон се објаснува дека интернет-врската на телевизорот, иако овозможува пристап до популарни платформи за стриминг, како што е „Нетфликс“, исто така им овозможува на хакерите да влезат во вашиот дом преку незаштитен телевизиски уред, а потоа да дојдат и до вашиот интернет-рутер.

„Хакерите можат да ја преземат контролата врз вашиот незаштитен телевизор. На долниот дел од спектарот за ризик тие можат да менуваат канали, да си играат со јачината на тонот и да им прикажуваат на вашите деца несоодветни видеа. Во најлош случај, тие можат да ги вклучат камерата и микрофонот на вашиот телевизор во спалната соба и да ве шпионираат“, пишува ФБИ во предупредувачкиот текст.

Во своето предупредување, ФБИ исто така истакнува и некои корисни совети за да помогне за заштита на паметните телевизори:

-Знајте ги сите опции на вашиот телевизор и како да ги контролирате. Пребарувајте на интернет со бројот на моделот на вашиот телевизор, особено за контролите на микрофонот, камерата и опциите за приватност.

-Не потпирајте се на поставките за безбедност кои се наместени како стандардни. Променете ги лозинките и научете како да ги исклучите камерата, микрофонот и опцијата за прибирање на ваши лични информации доколку е тоа возможно. Ако не можете да ги исклучите, размислете дали сте подготвени да ризикувате со купување на тој модел или со користење на ваквите услуги.

-Ако не можете да ја исклучите камерата, но не сакате да ве следат преку неа, залепете непроѕирна леплива лента преку леќите.

-Проверете ја можноста вашиот уред да го надградите со нови безбедносни ажурирања. Дали може тоа да се направи и дали веќе сте го правеле во минатото?

-Проверете ја политиката за приватност на производителот на вашиот телевизор и услугата за стриминг што ја користите. Потврдете кои информации сакате да ги направите јавно достапни и како истите можат да се користат.