вторник, 26. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Европратениците не се обврзани на транспарентност за додатоците

Европратениците не се обврзани на транспарентност за додатоците
General view of the buildings of the Court of Justice of the European Communities

Три години откако група истражувачки новинари поднесоа тужба против Европскиот парламент затоа што европратеници одбиле да откријат на што ги трошат своите додатоци, Европскиот суд на правда денеска застана зад Европарламент оценувајќи дека европратениците немаат обврска да бидат транспарентни околу дополнителните надместоци.

На одлуката веќе реагираше невладината организација Транспаренси Интернешнл нарекувајќи ја „длабоко разочарувачка“, јави дописничката на МИА од Брисел.

Судот во образложението на својата одлука се повикува на аргументот за заштита на приватноста.

Во 2015 година групата истражувачки новинари побараа транспарентност од ЕП за начинот на кои европратениците ги трошат разните додатоци кои им следуваат, како на пример, патните трошоци.

Европскиот суд на правда оцени дека постои ризик за приватноста и интергритетот на пратениците, бидејќи „побараните документи содржат информации“ за нив и фактот што личните податоци се тесно поврзани со јавните податоци „не значи дека тие податоци не можат да бидат окарактеризирани како лични податоци“.

Иако највисокиот европски суд прифаќа исклучоци на ова правило, тој оцени дека во овој конкретен случај условите не биле исполнети и дека не гледа доволно причини на новинарите да им даде пристап до побараните документи.

– Желбата да се отвори јавна дебата не може да биде доволна за да ја покаже потребата за трансфер на лични податоци, бидејќи тој аргумент е поврзан само со целта за пристап до документите. За крај, барателите не докажаа дека трансферот е соодветен и пропорционален на бараната цел, наведе Судот во своето образложение да не им даде пристап на новинарите до информациите за дополнителните трошоци на европратениците.

Европратениците покрај нивната месечна бруто плата од 8.611 евра, примаат 4.416 евра месечно за дополнителни трошоци.

Новинарите во 2015 година поднесоа тужба пред Судот поради одбивањето на Европарламентот да им даде пристап, во рамките на новинарски истражувачки проект, до начинот на кој европарламентарците ги трошат своите додатоци.

Новинарите не сакаа да коментираат за одлуката на Судот додека не се произнесат адвокатите. (МИА)

Коронавирус