четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Европејците трошат околу 30 милијарди евра годишно на дрога

Европејците трошат околу 30 милијарди евра годишно на дрога

Во Европската Унија, годишно, околу триесет милијарди евра трошат Европејците за консумација на дрога, на прво место на пазарот е канабисот со 39 отсто.

Ова е заклучокот на последниот извештај на Европската опсерваторија на дроги и токсикоманија објавен денеска.

Со 30 милијарди евра потрошени годишно, дрогите се еден од главните извори на приход за организираниот криминал, истакнува европската агенција.

На прво место за европските корисници на дроги е канабисот со 39 отсто од пазарот, потоа кокаинот со 31 отсто, хероинот со 25 отсто додека амфетамините и МДМА зафаќаат “само“ пет отсто од овој нелегален пазар.

Дрогите се сѐ подостапни затоа што нивните цени паѓаат бидејќи расте производството, посебно на кокаинот од Јужна Америка и хероинот од Авганистан, додека на европскиот континент во главно се произведува канабис.

Балканската рута, пак, е еден од главните коридори за влезот на хероин во ЕУ.

Триесетте милијарди евра од продажбата на дрога се делат главно помеѓу 1500 криминални организации, нотира извештајот. Овие криминални организации имаат сѐ покомплексни и меѓународни структури, што ја отежнува работата на полицијата. Оваа година три крупни ателјеа на производство на амфетамини беа неутрализирани во Белгија и Холандија.

Криминалните групи кои се занимаваат со производство на дрога се сѐ понасилни, се вели во извештајот, и сѐ повеќе работат на корумпирање на јавните и приватните чинители за да се инфилтрираат во легалната економија.

Друга причина за растот на производството и потрошувачката на дроги се новите технологии и користењето на интернет за продажба, забележува извештајот.

-Групите на организиран криминал брзо ги зграпчуваат новите прилики за финансиски профит и сѐ повеќе ги експлоатираат технолошките и логистичките иновации за да ги прошират своите активности меѓународно. Истовремено, дрогите се подостапни за европските потрошувачи, често преку социјалните медиуми и интернет. Овој извештај е доказ уште еднаш дека нелегалниот пазар на дроги останува закана за здравјето и безбедноста на нашите граѓани, истакна комесарот за внатрешни работи на ЕУ, Димитроис Аврамопулос.