четврток, 4. март 2021. Вести денес: 0
home Вести

ЕУ предлага нов почеток во односите со САД

ЕУ предлага нов почеток во односите со САД

Брисел, 20 јануари 2021 (МИА) – Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел предложи нов темелен договор со новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден во односите меѓу ЕУ и САД, додека Урсула фон дер Лајен ја нарече промената на чело на САД „нова зора“ во меѓусебните односи.

– Денес е повеќе од транзиција. Денес е можност да ги обновиме нашите трансатлантски односи, што многу беа нарушени во изминатите четири години. За време на тие години, светот стана посложен, нестабилен и непредвидлив, истакна Мишел на пленарната седница на Европскиот парламент во рамки на расправа за идните доноси меѓу ЕУ и САД. Дебатата е организирана на денот кога Бајден ќе положи заклетва како 46-ти американски претседател.

– На првиот ден од неговиот мандат, јас свечено му предлагам на новиот претседател да изградиме нов фундаментален пакет за посилна Европа, посилна Америка и посилен свет, посочи Мишел.

Тој го повика Бајден на вонреден самит на земјите-членки на ЕУ, што треба да се одржи паралелно со самитот на НАТО.

Претседателот на Европскиот совет наведе дека двете страни имаат пет приоритети: зајакнување на мултилатералната соработка, борба против пандемијата, климатски промени, економско закрепнување со дигитална трансформација и здружување на силите за безбедност и мир.

– Европа по четири долги години повторно има пријатели во Белата куќа, посочи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нарекувајќи го доаѓањето на Бајден нова зора во САД и нагласи дека ЕУ е подготвена за нов почеток.

Фон дер Лајен додаде дека повторното пристапување на САД во Парискиот договор за заштита на климата, како што најави Бајден, ќе биде „силен почеток“ на новите трансатлантски односи.

Претседателката на Комисијата укажа на потребата за регулирање на гигантите на интернет на глобално ниво, нагласувајќи дека „Силиконската долина не може да носи закони“ и дека „новите технологии не можат да одредат како ќе живееме“.

Коронавирус