четврток, 15. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Ерменскиот премиер побара прошка поради грешките на власта

Ерменскиот премиер побара прошка поради грешките на власта

Ерменскиот премиер Никол Пашињан побара денеска, на собирот на своите приврзаници во центарот на Ереван, прошка за сите грешки на актуелната власт, додека истовремено во друг дел од градот е одржан и митинг на опозицијата.

-За 30 години независност ги направивме сите можни грешки. Во последните две години и десет месеци, по револуцијата, исто така се направени сите можни грешки, истакна Пашињан, обраќајќи им се на учесниците на митингот.

Собирот започнал со химната на Ерменија и со едноминутно молчење за загинатите во одбраната на Нагорно-Карабах.

Тој ги обвини претходните власти, меѓу другото и поранешниот претседател Серж Саркисјан, за вршење влијание врз генералите. Како што нагласи, во март 2008 година извадена е војската против сопствениот народ, и сега се обидуваат да го направат истото.

Пашињан изрази подготвеност за распишување вонредни парламентарни избори и референдум за нов Устав, со кој од парламентарен систем би се преминало на полупретседателски.

Политичките тензии во Ерменија се зголемија откако Пашињан го отпушти заменик началникот на Генералштабот на армијата, кој се потсмевал на тврдењата на премиерот дека само 10 отсто од руските ракети „Искандер“, кои Ерменија ги користела во судирот, експлодирале при ударот.

Минатата недела руското Министерство за одбрана му забележа на ерменскиот лидер поради критиките упатени за ракетите „Искандер“, кои војската ги фали како врвно оружје со висока прецизност. (МИА)

Коронавирус