вторник, 20. август 2019. Вести денес: 72
home Вести

Ердоган пак изгуби во Истанбул

Ердоган пак изгуби во Истанбул

Турската владејачка партија ќе ја изгуби контролата врз Истанбул по прегласувањето на изборите за градоначалници, покажуваат најновите резултати. Јилдирим го призна поразот и му честита на Имамоглу.

Кандидатот на главната опозициска партија, Екрем Имамоглу, води со изброени над 90 отсто од гласовите.

Тој ненадејно победи во март, но изборите беа поништени откако владејачката партија АК се пожали на неправилности.

Гласањето се смета за клучен тест за претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Имамоглу освои 53,6 отсто од гласовите со речиси 95 отсто изброени ливчиња, смета државната новинска агенција Анадолу.

Неговиот противник, поранешниот премиер Бинали Јилдирим, го призна поразот. „Му честитам и му посакувам среќа“, им рече тој на своите приврзаници.

Имамоглу, пак, рече дека резултатот означува „нов почеток“ за градот.

„Отвораме нова страница во Истанбул“, рече тој. „На оваа нова страница, ќе има правда, еднаквост, љубов“.

49-годишниот Имамоглу е од секуларната Републиканска народна партија и е градоначалник на истанбулската област Бејликдузу.

Но неговото име беше едвај познато пред да се кандидира за градоначалник на изборите во март.

Јилдирим, пак, е основач на Ердогановата АКП и беше премиер од 2016 до 2018 година, кога Турција стана претседателска демократија и таа функција престана да постои.

Тој во февруари беше избран за претседател на новиот парламент, а претходно служеше како министер за транспорт и врски.

Тесната победа на Имамоглу од 13.000 гласа во март не беше доволна за Јилдирим да го прифати поразот.

Владејачката партија тврдеше дека гласовите биле украдени и дека многу набљудувачи на гласањето немале официјална дозвола, по што избирачкиот одбор побара повторно гласање.

Критичарите тврдат дека зад одлуката стои притисокот од претседателот Ердоган.