среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Екстремните временски услови предизвикаа големи загуби во 2020 година

Екстремните временски услови предизвикаа големи загуби во 2020 година

Светот продолжува да плаќа многу висока цена за екстремните временски услови во 2020 година, се наведува во извештајот на хуманитарната организација Кишчан ејд.

Во студијата се наведени десет настани во кои се загубени илјадници животи и причинета е огромна материјална штета.

Шест настани се случија во Азија, а поплавите во Кина и Индија предизвикаа штета поголема од 40 милијарди долари.

Во САД урагани и пожари предизвикаа загуба од околу 60 милијарди долари.

Невообичаено дождливата сезона на монсуните предизвика големи загуби во Азија.

Во големите поплави во Индија загинаа повеќе од 2.000 лица, а милиони луѓе се раселени од своите домови.

Вредноста на осигурителните загуби се проценува на 10 милијарди долари.

Кина претрпе уште поголема финансиска штета од поплавите, која во периодот меѓу јуни и октомври оваа година изнесуваше околу 32 милијарди долари.

Смртните случаи во овие природни несреќи биле многу помали отколку во Индија.

Некои настани во краток временски период причинија огромна штета.

Циклонот Амфан го погоди Бенгалскиот Залив во мај и за само неколку денови предизвика загуби кои се проценети на 13 милијарди долари.

Африка ја погодија роеви скакулци кои ги уништија посевите и вегетацијата, причинувајќи штета во износ од 8,5 милијарди долари. ОН оваа појава ја поврза со климатските промени, а невообичаено поројните дождови на Блискиот Исток и Рогот на Африка во последните години придонеле за тоа.

Европа, исто така, беше погодена кога бурата Кјара во февруари ги зафати Ирска, Велика Британија и неколку други држави. Притоа загинаа 14 луѓе и причинета е штета во износ од 2,7 милијарди долари.

Кришчан ејд наведува дека овие бројки за финансиските трошоци веројатно се нереални, бидејќи се добиени само врз основа на осигурителните загуби.

Коронавирус